Национална мрежа за борба против хомофобија и трансфобија реагира на скандалозната и навредувачка изјавата на премиерот Зоран Заев.

Еве го целиот текст од нивната реакција до Заев:

Почитуван премиере Заев,

ЛГБТИ луѓето зборот „педер“ го слушаат секојдневно; во училиштата, на улица, во државните институции, од ресторани и берберници до полициски станици. Да се биде „педер“ во С. Македонија значи да се живее во средина која те дехуманизира, ти ја ограничува слободата, најгрубо ти се замешува во приватноста и не ти овозможува да ги остваруваш своите желби и планови под еднакви услови како и останатите граѓани. Бидувањето „педер“ некои од нас ги чинело и многу повеќе: насилство кое полицијата никогаш не го решила, семејства кои нѐ повредиле и не нѐ прифаќаат, насилство кое оставило длабоки рани од кои црпиме мотивација за отпор и солидарност, за ревносна борба за нашите права и рани на кои сме горди. „Педер“ не е нечија карактерна особина, „педер“ го симболизира општеството кое гаи омраза, страв и гадење кон нас.

Откако јавноста дозна за случајот „Рекет“ во кој е вмешан Бојан Јовановски, во медиумите и на социјалните мрежи фокусот е ставен на неговата претпоставена сексуална ориентација и истата се користи за лично омаловажување и исмевање, со што се прави голема штета по достоинството на целата заедница. Најверојатно не треба да објаснуваме дека сексуалната оринетација на Боки 13 нема врска со неговото противзаконско делување. ЛГБТИ луѓето не се хомогена група, исто како и хетеросексуалците, можат да бидат конзервативни или либерални, религиозни или атеисти, да припаѓаат на различни етнички заедници, да се занимаваат со криминални дејствија или чесно да си го заработуваат лебот. Ако хетеросексуалец направи криминал, никој нема да ја спомене ниту тоа ќе го припише на неговата хетеросексуалност, но ако геј маж го направи истото, целата јавност па дури и премиерот ќе ја потенцира неговата сексуална ориентација. Ова е всушност и централното прашање на дебатата за нашата еднаквост. Двојни стандарди, мнозинство кое прави посебен случај од себе додека истите права ги негира за ЛГБТИ луѓето, сеприсутни митови за неморалните и за гадните „педери“ наменети за заплашување и мобилизација на јавноста против еднаквоста, слободата и достоинството на ЛГБТИ луѓето.

ЛГБТИ заедницата во Вас и во Вашата партија гледаше и сѐ уште гледа сојузник. Не можеме да негираме дека во однос на правата на ЛГБТИ луѓето се остварија клучни чекори: донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, преземањето на финансирањето на ХИВ програмата, измени на Кривичниот закон во делот за делата од омраза, организирање на првата Парада на гордоста, препознавањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет и во други закони од областа на медиумите и образованието. Но нашиот живот и нашето секојдневие не се многу променети. Не можеме да останеме неми и на пропустите што ги правите: како двете изјави на министерот Филипче кои предизвикаа огромна штета на трансродовите луѓе, фактот што Министерството за внатрешни работи сѐ уште не гони нити препознава криминал од омраза, нерешените случаи на хомофобичните напади на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Управата за матична евиденција која одбива да ја спроведе пресудата на Европскиот суд за човекови права за промена на личните документи на трансродов маж, бројни пријави за говор на омраза кои заглавиле некаде помеѓу полицијата и обвинителството итн. Проблемите со кои се соочуваме се бројни, а вакви изјави од државниот врв не помагаат во нивно решавање.

Ве повикуваме да се извините јавно, овој пат по уште понавредливите оправдувања, со цел да се санира штетата предизвикана врз јавното мислење од вашата изјава. Но уште поважно, Ве повикуваме интензивно и сериозно да се зафатите со унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Тоа е единствен начин да се надомести за исклучувањето, стигмата и насилството кое оваа заедница го искусува и да се изгради едно општество за сите!