Португалскиот оператор за енергетска мрежа (РЕН) тврди дека „екстремните температурни разлики во внатрешноста на Шпанија“ предизвикале дефект на енергетскиот систем што ја зафатил и нивната земја. Се вели дека овие разлики предизвикале големи „ненормални осцилации“ на високонапонските кабли (400 kV). Феноменот се нарекува „индуцирана атмосферска варијација“, јавува Би-Би-Си.
Шпанија сè уште не реагирала на овие наводи. Сепак, реагираше Европската комисија, која изјави дека нема докази дека прекинот на струја е резултат на намерен чин, како што е саботажа или сајбер напад.
Градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида ги повика граѓаните да останат таму каде што се, да го намалат движењето и да не излегуваат надвор, за патиштата да останат проодни. Покрај исклучувањето на семафорите, мораа да затворат и тунели на некои автопати. Тој, исто така, им порача на граѓаните да повикаат брза помош само во навистина итни случаи.
Шпанските железници (Ренфе) на Твитер објавија дека поради проблеми со струјата возовите не сообраќаат од 12:30 часот. Тие работат со повеќе од 1.000 возови дневно и превезуваат 1,3 милиони патници.