„Дар ел хадис“ е новата исламска селефиска заедница во земјава за која од ИВЗ тврдат дека граѓанскиот суд нелегално ја регистрирал. Според ИВЗ, судот го прекршил законот за правна положба на верска заедница кој не дозволувал постоење на две заедници со исто име, учење и религиозна пракса. Сметаат дека новата исламска заедница е штетна за општеството.
„Оваа заедница е потомство на малициозни структури во земјата кои имаат цел длабоко да го нарушуваат единството на муслиманите од Северна Македонија и особено Исламската верска заедница“, вели Евзал Синани од ИВЗ.
Од Граѓанскиот суд велат дека нема да го коментираат случајот бидејќи ИВЗ веќе поднеле жалба до Апелациониот суд и не можат да коментираат неправосилни судски одлуки.
Во Комисијата за односи со верските заедници сметаат дека можна причина за регистрација на исламската селефиска заедница е законот за правна положба на верска заедница. Велат дека имал низа нејаснотии.
„ Овој закон од 2007 година ни предизвикува многу проблеми и се соочуваме со многу недостатоци поради тој законски текст. Неопходно е подобрување на законскиот текст за истиот да биде доречен. Останува не до крај јасно, веројатно за судот, што подразбира одредбата, што е таа иста зедница, судот дали има доволно механизми во оваа легислативна рамка тоа да го утврдува исто останува под знак прашање“, вели Даријан Сотировски, Претседател на Комисија за односи во верските заедници.
Селефиските заедници, исламскиот свет ги поврзува со вехабистите за кои се тврди дека единствена цел им е организирање терористички напади.