Владата во јули 2019 година донела одлука со топловодната мрежа, да управува новоформираното претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас „Градски енергетски систем” (ГЕС). Меѓутоа, Регулаторната комисијата за енергетика (РКЕ) го одбила барањето на Град Скопје и не им издава лиценца на ГЕС за вршење дистрибуција на топлинска енергија од градското јавно претпријатие.
Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика е конечна, а АД ГЕС Скопје поведе спор против оваа Одлука за одбивање на барањето и до овој момент сè уште не е стигната пресуда по овој предмет. И во текот на претстојнава грејна сезона, од таа причина не се реализираше преземањето на топловодната мрежа од страна на Град Скопје од сегашниот снабдувач „Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи”.
Во овој момент има три системи за централно греење, коишто во моментов ги управуваат фирмите БЕГ, ЕСМ-Енергетика и Скопје Север кои функционираат одделно и како фирми самостојно си носат одлуки за начинот на работа.
Од Регулаторната комисија за енергетика досега на овие компании им давале конкретни препораки за поефикасно и конкурентно производство и дистрибуција на топлинска енергија во главниот град, но се потенцира дека сепак станува збор за компании кои имаат автономија во носењето на деловни одлуки.
Во меѓувреме, цената на гасот на европските берзи во неколку наврати ја надмина границата од 1.000 долари за илјада метри кубни, односно неговото драстично поскапување би можело да ги зголеми и сметките за парно греење.
Регулаторната комисија за енергетика РКЕ носи одлуки кои чекори ќе се преземат со цел да не дојде до оптоварување на енергетскиот систем, а Владата сè уште нема донесено мерки за решавање на енергетската криза со цел заштита на граѓаните и приватниот сектор од ценовни шокови од драстичното зголемување на цените и едностраното откажување на договорите од страна на некои од снабдувачите со електрична енергија.