Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска на министерскиот состанок на Арктичкиот совет во Рејкјавик ќе се сретне со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Тоа ќе биде првата американско-руска средба на високо ниво откако американскиот претседател Џозеф Бајден стапи на должност на 20 јануари.
Средбата, која се одржува во време на зголемени тензии меѓу Москва и Вашингтон околу Украина и руски хакерски напади врз САД, ќе биде посветена на подготовките за јунскиот самит на Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.
– Билатералната средба ќе се одржи по завршувањето на вечерта на последниот настан на Арктичкиот совет и ќе даде можност да го тестираме предлогот дали можеме да постигнеме однос со Москва кој е постабилен и предвидлив, рече синоќа портпаролот на Стејт депарментот Нед Прајс.
Според руското Министерство за надворешни работи, на тет а тет средбата меѓу Лавров и Блинкен ќе се разговара за „клучните прашања на меѓусебните односи и меѓународната агенда“.
Арктичкиот совет е форум составен од осум земји, САД, Русија, Канада, Исланд, Данска, Норвешка, Шведска и Финска.