На последниот ден од тридневниот министерски форум ЕУ-Западен Балкан, што се одржа на Брдо кај Крањ, беше истакната клучната важност на владеењето на правото за спроведување на реформите, обезбедување добро владеење и почитување на човековите права и во ЕУ и во земјите на патот до членството.

„Ја поздравувам посветеноста на партнерите од Западен Балкан за дополнително зајакнување на владеењето на правото, особено во областа на независноста, квалитетот и ефикасноста на судството. Овие реформи мора да се докажат во процесот на пристапување преку опипливи и одржливи резултати на теренот, што е особено важно во време кога некои земји-членки на ЕУ го доведуваат во прашање капацитетот на ЕУ за натамошно проширување“, изјави европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс.

Тој особено ја истакна важноста на подготвеноста што ја покажаа партнерите од Западен Балкан кога станува збор за соработката со новоформираното Европско јавно обвинителство, кое од јуни покрена повеќе од 350 истраги за можна злоупотреба на буџетот на ЕУ во износ од 4,5 милијарди евра.

Во заедничката изјава усвоена на крајот од форумот беше истакнато учеството на Западен Балкан во Стратегијата на ЕУ за обука во правосудството од 2021 до 2024 година, што претставува средство за обезбедување ефикасна примена на вредностите и принципите на ЕУ и ја поттикнува довербата меѓу судските професионалци во прекуграничните области.

ЕК нагласува дека ќе ја обезбеди сета потребна поддршка на партнерите од Западен Балкан во областа на судските реформи и додава дека е неопходно да се изградат национални капацитети за обука на судиите.

На министерскиот форум во Словенија, ЕУ и Западен Балкан ја потврдија важноста на дигитализацијата за да се олесни пристапот до правдата, да се подобри нејзината севкупна ефикасност и да се обезбеди издржливост на судските системи.

Министрите разговараа за напорите и предизвиците на дигиталната трансформација, а партнерите од Западен Балкан се обврзаа на континуирано модернизирање на нивните правосудни системи.

Покрај владеењето на правото, на тридневниот министерски форум ЕУ-Западен Балкан се разговараше и за прашања од областа на внатрешните работи, како што се миграцијата, управувањето со границите, борбата против организираниот криминал и тероризмот.