РЕК Битола од вчера, 4 декември, произведува електрична енергија со трите термоблокови, односно со максимален капацитет, вели директорот на рударско-енергетскиот комбинат Тони Петрушевски.
Тој информира и дека комбинатото го раскинал договорот со „Марковски компани“ за ископ на јаглен, затоа што фирмата не ги почитувала обврските од договорот.
– Меѓу предизвиците со кои се соочи актуелното раководство на Комбинатот беа катастрофалната состојба во постојните рудници без откривка на јаглен, несоодветно направените ремонти или воопшто неизвршени техничко технолошки зафати во пресрет на грејната сезона и увоз на скап и неквалитетен јаглен. Со натчовечки напори и ангажман на вработените, за краток период е оспособен за работа термоблокот Битола 1, со цел, со оглед на фактот што не подлегнал на редовен годишен ремонт, колку што е возможно да помогне во зголемување на домашното производство на електрична енергија и да придонесе кон енергетската стабилност на државата во пресрет на зимата – вели Петрушевски.
Друг предизвик со кој се соочивме во изминатиот период, одаде тој, е реализацијата на јавните набавки и затекнатите договори со надворешни фирми кои се ангажирани за ископ на јаглен и јаловина во рудниците во Комбинатот.
– Имено, затекнати економски оператори подолг период не ги почитувале договорните обврски по сите основи, притоа грубо прекршувајќи ги одредбите од договорите кои ги имаат склучено со РЕК Битола. Еден од таквите примери е односот на ангажираната фирма „Марковски компани“. Подружница РЕК Битола еднострано го раскина договорот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина со фирмата „Марковски Компани“ поради несовесно и неквалитетно извршување на преземените обврски. Со раскинувањето на соработката активирана е и банкарската гаранција во износ од 120 милиони денари, поднесена од предметната фирма – вели Петрушевски.
Тој додава дека компанијата не ги испочитува предвидените обврски за одговорно, целосно, стручно, квалитетно, совесно и навремено извршување на задачите согласно техничката спецификација.
– Овој економски оператор, со неодговорно постапување, покрај тоа што во континуитет не успевал да ги испорача договорените количини на јаглен, директно ја загрозил енергетската стабилност на државата. Во тој контекст, со несоодветна динамика за отстранување на јаловинските маси ја нарушил геомеханичката стабилност на рудникот Брод Гнеотино. Поради неиспорачаните количини и кршењето на договорните обврски од страна на предметниот оператор, РЕК Битола бил принуден да врши дополнителна набавка на јаглен за да овозможи стабилна и континуирана работа на блоковите во термоелектраната. За да биде појасно, би сакал да посочам дека на раскинувањето на соработката претходеа опомени и укажувања од раководството на РЕК Битола дека операторот не ги реализира договорните обврски според утврдениот обем, динамика и квалитет. Но и покрај укажувањата, продолжи несериозниот однос преку флагрантно кршење и непочитување на договорените обврски – вели директорот на РЕК Битола.
Станува збор за договор склучен на 13 февруари годинава, додава тој.