РЕК Битола работи со два блока откако, како што велат од раководството на комбинатот, вториот блок е исклучен од мрежа поради лошо изведен ремонт. Станува збор за интервенција врз собирникот и транспортерот за несогорени фрагменти од јаглен.

Од ЕСМ соопштија дека вториот блок се очекува најдоцна во вторник наутро да биде вклучен и синхронизиран на мрежа. Раководството на РЕК во четвртокот соопшти дека ден претходно, од средата, комбинатиот работи со целосен капацитет, односно дека трите блока произведуваат струја.

„Благодарение на брзата интервенција на вработените, не е направена сериозна штета, а по чистењето на овој дел, капацитетот се очекува да биде вклучен и синхронизиран на мрежа, во текот на утрешниот ден, или најдоцна до задутре во раните утрински часови.

За да биде појасно, доколку компонентите во системот за собирање на остатоците од несогорениот јаглен функционираа соодветно и доколку врз нив беше направен редовен ремонт, постоеше можност да се интервенира без потреба од целосно исклучување на блокот. За жал, и во текот на редовниот ремонт на ТЕ Битола 3, истите компоненти не подлегнале на соодветна техничко технолошка нега. Ова е само уште еден доказ за неодговорниот однос на поранешното раководство кон еден од стратешки најважните државни капацитети.

Во повеќе наврати во јавноста, новото раководство на АД ЕСМ укажува дека поради лошите ремонти на ТЕ Битола 2 и ТЕ Битола 3 можни се состојби кои би довеле до исклучување на постројките. ТЕ Битола 1 е во функција, но неговата доверливост не е на оптимално ниво од причина што воопшо не подлегнал на ремонт во годинава што изминува, иако според планот за активности, тоа требаше да се реализира во март, односно по завршувањето на минатата грејна сезона. Новите раководства во АД ЕСМ и подружниците на компанијата, заедно со вработените, вложуваат значителни напори за обезбедување на континуирана приправност за да обезбедат стабилност во производството на електрична енергија во текот на зимскиот период“, се вели во соопштението на ЕСМ.