Претседателскиот кандидат Блерим Река, поддржан од Алијанса за Албанците и Движењето Беса на Касами, денеска пред стружани истакна дека заврши едноумието кога една партија им кажуваше на Албанците за кого да гласаат, пренесува ТВ Ал Сат.
Тој истакнал дека во овој момент од Македонија не емигрираат сиромашните или политички прогонети, туку интелигенцијата, образованите, вработените во државната администрација и тоа поради недостиг на перспектива, селективна правда, непотизмот во администрацијата и политизирано судство.
„Важно е што ова ваше толку масовно присуство, е најдобриот одговор и демант на тие кои се неколку метри далеку од нас и се обидуваат да не уверат дека не е време за претседател Албанец. Да, да, дојдено е време, па дури сме задоцниле многу. 40 години во комунизам ни кажуваа дека не е време за претседател Албанец, 30 години по комунизмот и натаму ни кажуваат дека не е време за претседател Албанец, па дури овие кои се во тие бараките на неколку метри од тука, велат потребни ни се уште 20 години за претседател Албанец. Според нив, ние 100 години треба да бидеме само кираџии, ние треба да бидеме гласачи, но никако гласани. Ова време ќе заврши на 21 април“- изјавил претседателскиот кандидат Блерим Река, пренесува телевизијата.