Современа медицинска опрема е набавена и ставена во функција на Универзитетската Клиника за уво, нос и грло, во која е извршена реконструкција со реновирање на четири оперативни сали, и се создадени услови за дијагностика и третман според европски и светски стандарди.
По тој повод Клиниката денеска ја посетија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу, заменик-министерот Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски…
– Можам само да посакам да имаат вработените помалку работа, повеќе на превенција да се фокусираме, но веќе кога пациентите ќе ги користат овие простории, услугите на клиниката тогаш да имаат пристојни услови како што сега имаме овде, благодарение на директорот, благодарение на фондот, на министерот, на министерството, на вработените на клиниката, можете да видите едни би рекол европски услови со опрема којашто е единствена кај нас во земјата, но опрема којашто е реткост и во регионот, рече Мицкоски.
Министерот Алиу рече дека тоа што го дефинирале како политики за подобрување на здравствениот систем гледаат дека веќе станува реалност на оваа клиника. Посочи дека трите столба што ги мапираат како битни – инфраструктура, човечки ресурси и технологија, денес виделе како тоа реално е имплементирано и фунционира.
– Четири операциони сали се од темел реновирани, со најнова технологија која овозможува следење на сите стандарди на највисоко ниво. Во однос на кадровската политика, веќе се вработени тројца специјализанти, од кои двајца специјалисти ОРЛ и еден специјализант по анестезиологија и интензивно лекување, пет медицински сестри, како и тројца администратори, што ќе придонесе кон потранспарентно здравство кое што е поблиску до граѓаните, согласно европските стандарди, изјави министерот Алиу.
Директорот на Клиниката, Игор Камшикоски рече дека просторот на Клиниката за уво, нос и грло со хирургија на глава и врат е организиран според најсовремени стандарди со јасно дефинирани зони за стерилен, нестерилен и полистерилен проток. Во изминатиот период, појасни, преземавме обемна реконструкција со реновирање на четири оперативни сали при што ги адаптиравме и останатите простории за поедноставна и побезбедна циркулација на медицинскиот персонал и на пациентите.
– Реконструкцијата не е само естетска. Најзначајниот напредок го направивме преку набавка на современа медицинска опрема, како што е оперативниот микроскоп Тивато 700, врвна технологија која овозможува нови димензии во микроскопската хирургија. Овој модел користи прецизни прецизна 3Д визуелизација, овозможува хирурзите да гледаат преку високо резолутивен екран, што значително го намалува нивниот замор и ја зголемува прецизноста. При тоа целиот тим како и младите хирурзи можат во живо да ги следат операциите, рече д-р Камшикоски.
Потенцира дека микроскопот Тивато 700 нуди автоматско фокусирање, интегрирана ЛЕД осветленост со прилагодување според ткивото како и функционалност со дигитална документација со што е непроценлив алат при оперативни зафати на средното уво, гласните живи и гркланот, како и хирургијата на носот, параназалните синуси и реконструктивната хирургија на глава и врат. Со тоа, посочи тој, се подобрува тимската комуникација, се зголемува безбедноста на пациентот и се врши континуирана едукација на младите кадри.
– Дополнително обезбедени се и неколку флексибилни трансназални фибер оптички ендоскопи со кои значително ја олеснуваме амбулантската и болничката дијагностика со минимален дискомфорт на пациентот и висок квалитет на слика. Реновираните сали се опремени со нови оперативни светла, електронски врати за поголема хигиенска безбедност, а во амбулантите се обезбедени амбулантски светла со највисок стандард што овозможуваат поудобни услови за лекарите и пациентите. Особено важна е набавката на две најсовремени анестезиолошки машини кои нудат извонредна стабилност во вентилацијата, прецизна дозација на гасови и интелигентни алатки за следење на белодробната динамика во реално време. Овие машини се дизајнирани со можност за кратки и долги интервенции и кај возрасни и деца, рече д-р Камшикоски.
Додаде дека со сите овие инвестиции создале услови за дијагностика и третман според европски и светски стандарди, а нивната цел е да го скратат времето на чекање на пациентот, да ги подобрат условите на здравствени услуги и да понудат безбедна, достапна и високо квалитетна здравствена нега.
Фото: Влада