Во текот на 2023 година вкупно 73.870 жители на Белгија ги напуштиле своите дотогашни живеалишта и се преселиле во нов дом во некој од другите два региона во земјата, покажуваат податоците на белгиската Федерација на агенти на недвижен имот (ЦИБ).
Како што наведува белгискиот јавен радиодифузен сервис на фламански (холандски) јазик ВРТ, ова е досега најголем број на регистрирани преселби од еден во друг регион на Белгија откако се води таква статистика.
Најголем број на лица или 37.613 се иселиле од регионот на главниот град Брисел и преминале да живеат во холандофонската Фландрија или франкофонската Валонија.
Според портпаролот на ЦИБ, Кристоф Тејс, причина за ова се повисоките цени во Брисел.
– Повеќето луѓе кои се преселуваат од Брисел во Фландрија или Валонија го прават тоа затоа што таму е се поскапо. Така, куќите се многу поскапи во Брисел, понекогаш дури и за третина, вели Тејс за ВРТ.
Над половина од „иселениците“ од Брисел или 19.388 се преселиле во провинциите Фламански Брабант или Валонски Брабант, кои го опкружуваат регионот на главниот белгиски град. На тој начин, иако повеќе не живеат во Брисел, нивните нови живеалишта се во близина на градот и можат да ги задржат своите работни места.
Покрај во двата дела на Брабант, уште 18.225 дотогашни жители во Брисел лани се преселиле во некоја од другите провинции во Фландрија или Валонија.
Од друга страна, лани 10.856 жители на Фландрија и 8.532 на Валонија решиле да станат бриселци.
Според Тејс, тоа се пред се луѓе кои сакаат да живеат поблиску до своето работно место и на кои им е смачено секојдневното патување по неколку десетици километри.
Но, покрај преселбите од и кон Брисел, селења има и меѓу останатите два региони. Така, лани 7.496 лица се преселиле од Фландрија во Валонија, а 9.373 „Валонци“ станале „Фламанци“.
– Оние кои од Фландрија се преселуваат во Валонија тоа го прават главно поради пониските цени на имотот, објаснува Тејс.
Фото: МИА Архива