Министерството за внатрешни работи на Франција соопшти дека излезноста на гласачите на вториот круг општински избори до 17 часот, односно еден час пред затворањето на гласачките места во најголемиот број од местата каде што се гласаше, беше 34,67 отсто, јави дописникот на МИА од Париз.
Според институтите за испитување на јавното мислење, апстинентите треба да бидат меѓу 59 и 59,5 отсто од гласачкото тело, и покрај стриктните санитарни мерки кои требаше да ги охрабрат гласачите да излезат на гласање.
На гласачките места каде гласањето заврши во 18 часот, веќе се започна со пребројување на гласачките ливчиња. Првите резултати ќе бидат соопштени по 20 часот. Исходот од изборите е многу неизвесен во Лион, Марсеј, Тулуз, Стразбур, Монпелје, Нанси или Лил, главно под притисок на еколозите.
Денешното гласање требаше да се одржи според првично определениот календар на 22 март, но поради епидемијата поради коронавирусот, гласачите беа повикани да гласаат речиси три и пол месеци по првиот круг, во 4.820 општини каде 16,5 милиони избирачи имаат избор меѓу 157.000 кандидати.
Вториот круг главно се однесува на градовите, бидејќи руралните комуни масовно ги завршија изборите во првиот круг.
Првиот предизвик на изборите е проблемот со учеството, по падот на првиот круг, кога помалку од половината од избирачите (44,3 отсто наспроти 63,5 отсто во 2014 година) излегоа да гласаат.