На Европската Унија и се познати плановите на САД за намалување на бројот на американските војници кои се стационирани во европските земји на источното крило на НАТО, но таа има свој јасен пат и јасна визија кога станува збор за одбраната на Европа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за одбрана Тома Рение.

– Тоа не менува ништо во нашите многу јасни планови кога станува збор за Патоказот за одбраната што го презентиравме и четирите основни водечки модели истакнати во него, вклучувајќи ја и иницијативата „Чувар на источното крило“, рече Рение.

Тој додаде дека ЕУ сака да почне со реализацијата на оваа иницијатива во првиот квартал од 2026 година, со што до крајот на годината таа би станала оперативна долж источното крило на Европа.

– Значи имаме јасен Патоказ, по кој дискутираа лидерите на ЕУ на последниот Европски совет и ќе продолжиме да работиме по него, додаде Рение.

На дополнително прашање дали по најавата за повлекување на дел од американските војници ЕУ планира измени во својот Патоказ за одбранбена подготвеност, Рение одговори дека Унијата тесно соработува со своите партнери од НАТО и со Украина, но кога станува збор за одбраната таа има свој план на кој работи заедно со земјите членки.

– Секако дека тоа секогаш ќе правиме заедно со нашите партнерите од НАТО и секако ќе продолжиме да работиме со партнерите со слични размислувања, но кога станува збор за Европа и само за Европа, тука имаме визија која е наведена во Патоказот, истакна Рение.

Портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика, Ануар Ел Ануни, пак, истакна дека Европа мора да биде одговорна за сопствената одбрана, како дел од силната трансатлантска безбедност, која ќе биде целосно усогласена со НАТО.

– Трансатлантските односи се многу важни за НАТО и Европската Унија, а улогата на САД како клучен партнер во трансатлантската и европската безбедност за нас не е доведена во прашање. Во исто време, ЕУ презема поголема одговорност за сопствената безбедност и заклучоците на Европскиот совет од минатата недела се сосема јасни во однос на работата што има за цел да ја зголеми одбранбената подготвеност на Европа до 2030 година, рече Ел Ануни.

Тој истакна на минатонеделниот Самит лидерите на ЕУ ја потврдиле својата решеност да испорачаат со потребното темпо и обем, со цел Европа да биде подобро опремена да дејствува и да се справи со непосредните и идните предизвици и закани со кои се соочува.  

Фото: Архива