Сонце, чист возух, без бучава и звуци на возила, многу туристи и ученици распослани по главните централни улици и знаменитости во градот околу трите моста на Љубљаница. Вака некако со една реченица може да се опише моето претпладне во Љубљана, град што во изминативе неколку години привлекува туристи од целиот свет, но Словенија како земја на Европската унија со постабилна економија и други погодности е дом за многу балканци, меѓу кои и Македонци, но и луѓе-мигранти дојдени од многу подалеку, особено помлади лица.

Бројките од лани (2025) се дека таму живеат преку 60.000 Македонци, а се школуваат 1.600 наши студенти. Македонскиот јазик се слуша насекаде во Љубљана. По напорното патување до Љубљана прва станица ни беше познатата „Шестица“, ресторан со традиционални јадења каде келнерот што не служеше беше Македонец од Велешко кој заминал да живее таму пред 24 години. Основал семејство и останал во Љубљана. Вели дека Македонците се добри и лојални работници и оти затоа ги сакаат. Системот е поинаков, вели тој, се функционира, а и стандардот е подобар. Цените на храната и други производи се исти и во Македонија и во Словенија, но тука платите се повисоки и животот е поедноставен. Цените се зголемени, додава, но тоа не се чувствува толку поради тоа што платите се многу повисоки.

Во разговорот ни се приклучи и една Белграѓанка која веќе две години развива свој бизнис во Словенија во областа на маркетингот и комуникациите. Претходно неколку години живеела во Шведска, но откако нејзиниот син решил да студира во Словенија, семејството се сели во Љубљана. Конекциите со Белград и Србија, како професионални така и приватни се секојдневни, но вели дека во Љубљана животот е помирен, секаде се движи со велосипед, а можностите за напредок и развој се поголеми. На коментарот дека најдобрите студенти од Македонија и од Србија се во Словенија, таа одговара дека секој има право да бира како ќе живее.

Вечерната прошетка носи свежина, но имавме среќа температурите да не бидат многу ниски. Разговорите се водат малку на македонски, малку на српски, на словенечки, а ако нешто „запне“ решаваме на англиски јазик. Словенците се вредни, принципиелни, упорни, учени, но и гостопримливи луѓе. На прашањето дали се чувствува дека многу луѓе од кај нас, но и од целиот Балкан, ја бираат Словенија како дестинација за свој нов дом, велат дека тоа не го доживуваат така бидејќи било исто или слично и во времето на поранешна Југославија и оти тоа се економски мигранти.

Просечните плати варираат од 2.600 до 3.100 евра во зависност од секторот.

За Словенците и за оние кои живеат таму еден од најголемите проблеми, како што велат нашите соговорници, особено за Љубљана, се високите цени за изнајмување недвижности. Сметаат дека причина за тоа се многуте туристи кои го посетуваат градот.

Предизвици им носи и кризата поради глобалните промени и последиците од војната во Иран, а по нашата посета и кај нив се воведени мерки поради нафтената криза. Во меѓувреме, Словенците гласаа на парламентарни избори, а конститутивната седница на новоизбраниот Парламент е најавена за 10 април, со што и формално ќе започне процесот на формирање на новата влада. Победничка партија на изборите е „Движење Слобода“ на Роберт Голоб, кој истакна дека изборот на претседател на Собранието ќе биде првиот клучен тест за новото парламентарно мнозинство. Се очекува Словенија да има нова влада по 10 мај.

Кафето во Љубљана колку и во центарот на Скопје 

Каде и да се завртиш во централното градско подрачје изобилува со уметност, историја, заштитено културно наследство, а погледот завршува во височина… во замокот над стариот град. Да не ги заборавиме споменикот на Прешерн и змејовите.

Зградата на Град Љубљана што се наоѓа во еден од заштитените објекти е постојано отворена за ученици и туристи. Таму може да се види како историски се одвивал развојот на градот.

Времето во Љубљана беше на наша страна. Сонце бликаше од сите страни, а кафулињата беа речиси полни, особено околу пладне.

Цените на пијалоците во центарот на Љубљана варираат, но не се премногу различни од оние во Скопје. На пример, еспресо е околу 2,2 евра, капучино 2,6 евра, макијато 2,3 евра, цените на бескофеинското кафе се движат од 2,6 евра до 4 евра, а се нуди и кафе со млеко од кокос или овес кое чини 3,5 евра. Ако решите да пиете чај или некој топол напиток тоа ќе ве чини од 2,7 до 5 евра, а ако се решите за Цедевита, Кока Кола или Фанта ќе ве чини 4 евра, додека минералните води се со пониски цени.

Можете да седнете и во локали каде што имаа акции па кафе и кроасан да биде и 4 евра. Локалните пива чинат од 3,5 евра и нагоре, додека најскапото пиво би ве чинело околу пет евра.

Храната во кафулињата и рестораните има повисоки цени отколку кај нас. Па, така, пица во кафеана до пазарот е околу 13 евра, но има секакви понуди, за секаков џеб, од Мекдоналдс, гиро, хамбургер, локална храна која за нас Македонците е превкусна…

Шетаме и дишиме чист воздух. Доаѓаме до катедралата Свети Никола, која е многу позната по бронзената врата направена во чест на посетата на папата Павле. Верниците можат бесплатно да влезат за време на службите во Катедралата додека за туристите влезот се наплатува.

Веднаш зад аголот е цветниот пазар, што претставува особен впечаток за посетителите и му дава дополнителна убавина на градот.

– Десет лалиња десет евра – кажува Марина, продавачка на цвеќиња. Потекнува од Врање, а се преселила во Љубљана пред 40 години. Поширокото семејство и е раселено по целиот Балкан, а сестра и живее во Велес.

Во близина е и локалниот пазар со овошје и зеленчук со цени повисоки од кај нас, но затоа во Словенија има ланци од различни видови маркети каде цените на овие производи и храната генерално се многу пониски, а некои исти или со некоја мала разлика како кај нас.

Доаѓаме до мостот на „вљубените“ кој не води до кафулињата. Она што не изненади е бројноста на катинари што вљубените ги оставиле таму, особено приказната за „новата мода“ со катинари со шифри.

Ако вљубените ја прекинат врската доаѓаат и ги вадат од мостот, ни раскажува нашата пријателка Словенка.

Словенија за нас се чини толку блиска, а толку далечна. Блиска по словенските корени, јазикот, историјата, а далечна по стандардот, членството во ЕУ, воспоставениот систем на функционирање на државата, принципиелноста и националните достигнувања.