Што се случува со кривичната пријава поднесена од шефот на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, против двајцата обвинители Фатиме Фетаи и Сашо Рајчев во мај 2023 година?, прашува во подолгата анализа на овој случај скопска Република. Еве го целиот текст на „Република“:
По повеќе од една година по поднесувањето на кривичната пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и злоупотреба на лични податоци сѐ уште нема обвинение против двајцата обвинители.
Хајрулахи во мај 2023 година поднесол известување во форма на кривична пријава до Јавниот обвинител, во тоа време Љубомир Јовески, се со цел да се определи друго ОЈО надвор од надлежноста на Вишото јавно обвинителство.
– За едниот јавен обвинител поднесов кривична пријава за можно сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злоупотреба на личните податоци“. А за другиот јавен обвинител поднесов кривична пријава за „злоупотреба на личните податоци“, изјави Хајрулахи во август 2023 година.
Оттогаш молк за кривичните пријави кои во Јавното обвинителство се поднесени во време кога државен обвинител беше Јовески. Според информации на „Република“ до декември 2023 година, односно до заминувањето на Јовески овие кривични пријави стојат во фиока во ЈОРМ и не се распределени на ниту едно Обвинителство. Извори од фелата велат дека токму првиот човек на обвинителството, Јовески е тој кој ги чувал кривичните пријави во фиока. Во декември, непосредно пред заминувањето на Јовески од финкцијата, се носи одлука битолското јавно обвинителство да го води овој случај. Во јануари годинава кривичните пријави пристигаат во битолското обвинителство. Но и битолското обвинителство, слуачјно или не, не е ажурно кога се во прашање кривичните пријави против Фетаи и Рајчев. И таму со месеци нема никаков исход од постапката.
Година ипол обвинителите ги проверуваат наводите против своите колеги и нема никаква одлука по долгата проверка. Сите досегашни активности околу овие постапки, и во Државното јавно обвинителство, тогаш предводено од Јовески, и во битолското јавно обвинителство, каде шеф е Оливера Нечаковска, одат во прилог на застарување на делото за кое се теретат Фетаи и Рајчев. Се бара ли начин да се заташкаат пријавите и против обвинителите да нема никакво обвинение ниту судска постапка. Се заинтересирал ли наследникот на Јовески, Љупчо Коцевски, што се случува со кривичните против неговите колеги? Тоа впрочем зборува и за ажурноста и ефикасноста на обвинителскиот систем во државата. А оценката за независноста, ажурноста и ефикасноста ефикасноста и на обвинитеството и на судството е на најниско можно ниво што е нотирано во секој извештај од сите релевантни европски институции. Довербата во јавноста е едвај 2 отсто што е еднакво на нула.
Барањата за одговорност од Фетаи и Рајчев дојдоа откако Марјан Стаменковски од ДоказМ кажа дека соработувал со обвинителот Рајчев и уште една обвинителка. За Рајчев посочи соработувал со него на дел од предметите за кои што му се суди, односно му испраќал информации. Сопственикот на порталот ,,Доказ-М” веќе е осуден за две дела, пиратерија и уцена. Наспротив ова сѐ уште нема ниту одлука за кривичната пријава, а уште помалку д асе започне постапка против, како што тврди Стаменковски, неговите соработници Фетаи и Рајчев.
Што се случува со кривичните пријави против двајцата обвинители? Се обидува ли некој да ги зачува во фиока за истите да застарат? Разговаравме со Оливера Нечаковска, шеф на битолското обвинителство. По кусиот телефонски разговор испративме прашања на меил адрсата на Обвинителството, но наместо одговор на истите, согласно договорот со Нечаковска, бевме прератени на адреса на прес-службата на Јавното обвинителство на Република Македонија. Оттаму добивме краток одговор во кој ја нема суштината на она кое го баравме, туку општ одговор дури и на прашањата кои се однесуваат директно на битолската обвинителка.
Нечаковска ја прашавме:
1.Дали кривичната пријава поднесена од шефот на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, против Фатиме Фетаи и Сашо Рајчев е доставена до Основното јавно обвинителство Битола и кога ?
2. Доколку е кај вас, која е причината што е префрлена во ОЈО Битола?
3. Дали се постапува по истата? Дали е прераспределена кај обвинител, кај кој обвинител и до каде е постапката?
4. Со последните измени на кривичниот закон делото злоупотреба на службена положба застарува побрзо. Ќе дозволи ли ОЈО Битола овој предмет да застари?
5. Прашање за обвинителката Оливера Нечаковска – Дали има надворешни влијание и директен притисок врз вас кривичната пријава да застари и да не се постапува по истата?
Но наместо од Нечаковска, одговор добивме од Јавното обвинителство од каде потврдуваат дека Кривичната пријава против Фетаи и Рајчев е доставена до Основното јавно обвинителство Битола во јануари годинава и според нивното тврдење, по неа се постапува за да се проверат наводите.
-Пријавата беше дадена на надлежно постапување на ОЈО Битола, по донесено решение за изземање за да се избегнат околности кои би предизвикале -евентуално сомневање во непристрасноста во одлучувањето, имајќи предвид дека и подносителот и пријавените се виши обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје во чие подрачје спаѓа Основното јавно обвинителство Скопје – велат од Јавното обвинителство.
Која е причината што на Државното јавно обвинителството му требало седум месеци за да го префрли предметот во Битола? Што се случувало со предметот толку месеци? Што се случува со кривичната постапка овие 7 месеци, откако истата е примена во битолското обвинителство? Конкретен одговор од Нечаковска не добивме. Добивме одговор од прес-службата на Јавното обвинителство дека „по неа се постапува за да се проверат наводите“.
Нема конкретен одговор ниту на прашањето дали ОЈО Битола ќе дозволи овој предмет да застари. Со последните измени на кривичниот законик во септември 2023 година, по предлог на тогаш актуелната власт, предводена од СДСМ и ДУИ, се намали казната затвор за злоупотреба на службена положба со што се отвори можноста за порано да застарат овие дела.
Нечаковска сметаше дека и прашањето упатено конкретно за неа – Дали има надворешни влијание и директен притисок врз вас кривичната пријава да застари и да не се постапува по истата?, не е прашање кое треба таа да го одговори. Иако во прашањето е нагласено дека ова се однесува конкретно за притисок врз неа како шеф на битолското обвинителство, одговор од Нечаковска не добивме. Добивме одговор од прес-службата на Јавното обвинителство на Република Македонија:
Јавното обвинителство не подлегнува на никакви притисоци и постапува единствено согласно закон.
Но дали има притисок врз Нечаковска? Одговор на ова прашање нема. Според информации на Република се врши директен притисок врз Нечаковска кривичната пријава против Фатиме Фетаи и Сашо Рајчев да остане во фиока за делото да застари. Нашите извори посочуваат дека лица од фелата блиски до СДСМ ДУИ, како и до обвинителот Јовески, се залагаат со притисок врз Нечаковска да издејствуваат застарување на делото. Нечаковска ниту ја потврди, ниту ја демантираше ваквата информација. Едноставно го премолчи одговорот, и покрај нашето настојување таа да одговори на прашањата кои се однесуваат за битолското обвинителство и лично за неа. Но таа наместо одговор, се погрижи да ги препрати прашањата во прес-службата на Јавното обвинителство на Република Македонија.
Ваквите случаи се причина за недвербата на граѓаните во правосудниот систем и лошите оценки од ЕУ. Мисијата на ОБСЕ во април годинава ја потенцираше состојбата во правосудството, односно како проблем беа посочени крајно политизираните одлуки со недоволна транспарентност и квалитет. Македонското правосудство треба да ја врати довербата кај граѓаните, но со ваквите постапки сме далеку од остварување на оваа цел.