Во организација на Здружението „Kings of the roаds“, а со поддршка на Општината, оваа сабота на 13 април, ќе се одржи четвртата ревија на популарните „олд тајмери“ на која се очекува учество на над 70 стари автомобили. Изложбата и оваа година ќе биде меѓународна, при што организаторот Лоренцо Трајановски најавува присуство на популарни олд тајмери од 10 градови од соседна Бугарија, но и од Србија, како и од Македонија.
-Оваа година само од Делчево ќе имаме триесеттина автомобили кои се добро зачувани и за кои знаеме дека сопствениците добро се грижат. Очекуваме дел од ретроревијата да бидат шевролети, бјуик, бмв, старите и добро познати возила од застава, волга, фијат, трабант, мазда, мерцедес, ланчија, опел и други. Ова е убава можност, повторно да им оддадеме признание на старите добри автомобили кои денеска ретко се среќаваат во сообраќајот, но кои испишале убава автомобилска историја, рече Трајановски.
Градоначалникот Горан Трајковски, кој е покровител на ревијата, ги повика жителите од целиот регион да бидат дел од оваа атракција.
Јас посебно го ценам ентузијазмот на претставниците од Здружението кои го запишаа Делчево на листата европски градови, каде ревијата на ретроавтомобилите е посебна традиција и атракција. Заедно со претставниците од Здружението сакаме да му дадеме нов белег на нашиот град по кој ќе биде препознатлив. Општина Делчево ги препознава добрите иницијативи и дава максимална поддршка за нивна реализација, рече Трајковски.
Ревијата на стари автомобили ќе се одржува на паркингот пред Градскиот стадион во Делчево. За учесниците се обезбедени благодарници и пехари кои ќе бидат доделени на учесникот со најстар автомобил, на најдобро реставриран и за најмлад учесник. Согласно со програмата ревијата започнува во 10 часот, а во 12 часот е најавено дефиле низ улиците во центарот на градот.