2020 година ја заврши со загуба од 17 милиони евра, а во 2021 според изјава на Васко Ковачевски со загуба од преку 28 милиони евра. Но, со објавениот ревизорски извештај од Државниот завод за ревизија изгледа дека состојбата е уште полоша.

Државниот завод за ревизија како овластен ревизор дава негативно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2020 година и за нивна усогласеност со законска регулатива, упатства и воспоставени политики.
За Финансискиот извештај и неповолните состојби во компанијата се лоцира одговорност во Управниот одбор на ЕСМ, со посебен акцент за одговорност на генералниот директор Васко Ковачевски.
Според извештајот на Државниот завод за ревизија, може да се заклучи дека има елементи државните институции задолжени за гонење на незаконити и несовесни дејствија конечно да се ангажираат и да ги решат сите недоследности во работењето на АД ЕЛЕМ, согласно на закон.

Ќе ги наведеме само некои од многуте области на кои државниот ревизор укажува дека се работи за недоследности, поради кои е потребно ангажирање на останатите државни институции:

Државната ревизија посебно потенцира многу недоследности, неправилности и делувања спротивни на закон во делот за јавни набавки за 2020 година во доделувања на договорите кон компаниите. Во постапката за јавни набавки Државната ревизија за 2020 година во АД ЕСМ укажува на несоодветно постапување при изборот и доделувањето на договорите за јавна набавка што неповолно влијае на транспарентноста при доделувањето на договорите, не обезбедува конкуренција, еднаков третман, недискриминација меѓу економските оператори и рационално и ефикасно искористување на средствата.
Во извештајот се дадени само неколку конкретни примери. Лоцирани се договори кои се склучени со вредност како што е проценета во буџетот на АД ЕЛЕМ, а не со вредноста која е добиена со понудата после спроведената постапка за јавна набавка.

Во делот на јавни набавки кои се спроведуваат надвор од Законот за јавни набавки, како набавка на мазут или природен гас, посочени се голем број недоследности. Нема интерни процедури за ваква набавка и доделени се договори за набавка на компании кои не ги исполнувале условите кои се барале на јавниот повик.
Државната ревизија констатира многу високо загадување на емисии од сулфурни оксиди, азотни оксиди и прашина за 2019 и 2020 година. Ваквото загадување го надминува законски дозволениот максимум и има штетни последици по животна средина и здравјето на луѓето.

Државната ревизија констатира дека капиталните инвестиции и проекти се лошо менаџирани и поголем дел се нефункционални. Со овие проекти е направена штета поради несовесно или нестручно работење на одговорните лица. Како пример е посочена модернизацијата на трите котли во РЕК Битола. Посебно е констатирано дека модернизацијата на котел 2 има забелешки како неисправна работа на изведувачот.

Но, според определени сознанија, оваа модернизација на котелот 2, АД ЕЛЕМ ја има одбиено поради влошени и неисполнети договорни карактеристики од изведувачот на модернизацијата. Истото е констатирано во самиот извештај од тестовите за испитување на работата на котелот, потврдено од самиот изведувач и потврдено од стручен персонал во ЕЛЕМ, консултантите на ЕЛЕМ и странски консултант, како и од повеќе светски познати конструктори и производители на ваква опрема и соодветни научни институти од светско реноме. И со ваква фактичка состојба, АД ЕЛЕМ го губи спорот пред меѓународна арбитража и плаќа дополнителни 9 милиони евра како надомест на штета. Каква иронија!. Сегашното раководство на АД ЕЛЕМ дури и не побарало од изведувачот да го поправи тоа што не го исполнил согласно договорот. Дали арбитражата е намерно водена до ваков исход поради можеби некакви лични придобивки на некои функционери? За ова времето ќе покаже!.

Државниот завод за ревизија констатира дека раководството на АД ЕЛЕМ во 2020 година извршило префрлување на околу 800.000 ЕВРА на сметка на Синдикатот на АД ЕСМ и сега нема можност да се открие каде завршиле тие пари кои се префрлани на синдикална сметка.

Државниот завод за ревизија констатирал дека во 2020 година е исплатена нереално висока сума за потрошена вода на едно Јавно претпријатие од Битола. Значи повеќе од милион евра се исплатени за вода која воопшто не е испорачана.
Не се запазени законските регулативи за загадување на животна средина и во 2019 и 2020 година загадувањето со сулфурни оксиди, азотни оксиди и прашина е далеку над дозволеното. Иако има обврска за добивање на А-интегрирана еколошка дозвола за РЕК Битола и РЕК Осломеј, тоа се уште далеку од реализација.

Како заклучно согледување на државната ревизија се констатира следното:

Финансиските извештаи не се прикажуваат вистинито и објективно, активностите, финансиските трансакции и информации не се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

Ваквото работење на АД ЕЛЕМ е недозволиво и ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува државните надлежни институции конечно да преземат конкретни активности за разрешување на овие матни и незаконски работи во АД ЕЛЕМ.

Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ