Бразилците синоќа го изразија своето незадоволство од начинот на кој претседателот Жаир Болсонаро се однеусва кон пандемијата од коронавирус со тоа што удираа по лонци и тенџериња од своите домови и тераси.

Околу милион жители на Рио де Жанеиро и Сао Паоло синоќа излегоа на прозорците од своите станови и од Болсонаро побараа да поднесе оставка, а тоа воедно е и најголемиот одржан протест против него досега, јави Би-Би-Си.

Протестот почна уште во текот на обраќањето на Болсонаро кон нацијата на телевизија, а продолжи со се посилен интензитет во текот на вечерта.

Граѓаните, освен што удираа по лонци и тенџериња, ги гасеа светлата во своите домови и извикуваа Болсонаро да си замине од власта.

Во Бразил се потврдени повеќе од 500 случаи на заболени, меѓу кои се и неколкумина функционери, а четири лица досега починаа.

Болсонаро претходно мерките за внимателност против Ковид-19 ги нарече хистерија и фантазија, а е критикуван и заради начинот на кој реагираше по првите смртни случаи во земјата.

Тој досега двапати е тестиран на Ковид-19, но изјави дека двата резултата биле негативни, иако 14 лица кои биле во неговата делегација при посетата на САД се позитивни на вирусот.