Федералната унија на европските малцинства – ФУЕН, Резолуцијата со која се поддржуваат Македонците во Албанија во барањата за надминување на проблемите, ја објави на три јазици: англиски, германски и руски.
Резолуцијата по предлог на Македонското друштво Илинден беше едногласно усвоена на 63-от Конгрес што се одржува кон крајот на јуни во Леуварден, Холандија.
– Ова е навистина добра вест за нас, бидејќи со текстот на Резолуцијата сега се дава можност да се запознаат многу народи во светот. Документот содржи пет точки во кои Македонско друштво „Илинден“ и македонското национално малцинство во Република Албанија бараат од албанската влада корекција на Законот за административна поделба и формирање општина Голо Брдо и општина Гора, во кои би биле опфатени населените подрачја во овие области. Исто така, се бара Македонците да имаат загарантирано најмалку еден пратеник во Парламентот на Албанија, вели Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото во изјава за МИА.
Исто така, додава, од Европскиот парламент се бара да го повлече амандманот со кој македонското национално малцинство во Преспа, Голо Брдо, Гора беше прогласено за бугарско „бидејќи во тие региони како и на цела територија на Албанија живеат единствено Македонци а не Бугари“.
Во документот стои дека од албанската влада се бара да превземе мерки да престанат активностите на бугарската влада за асимилација на Македонците на територијата на Албанија.
ФУЕН искажува поддршка за сите барања и ги осудува обидите на бугарската држава Македонците да ги прикаже како Бугари.
Резолуција, ФУЕН ја достави до Владата на Република Албанија, шефот на државата, Парламентот и меѓународните институции.
Македонско друштво „Илинден” е рамноправен член на ФУЕН од средината на мај 2015 година и стана прво друштво на Македонци надвор од матичната држава во Европа, кое е рамноправен член, со право на глас