Оваа власт ги турка пензионерите во сиромаштија. Ако се очекуваше решение кое ќе биде помош на пензионерите во оваа сиромаштија и криза видовме дека и оние најавени 6,8% не ги добија, туку 5,3%, што значи скратено им е и една четвртина од тоа најавено покачување. Власта ги понижи пензионерите бидејќи не се живее со 12-13.000 денари, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески за Анализа на ТВ24.

Ристески потенцираше дека тоа што власта и министерката не сакаат да кажат е дека најниските пензии се зголемени само за околу 700 денари.

– Со ова процентуално зголемување јазот помеѓу пензионерите се зголемува, а не се решава проблемот. Народски речено тој што има пак да има, а тој што нема пак да нема. Едно влегување во продавница чини повеќе од дупло од тие 700 денари.  Двајца пензионери до 12-13.000 денари не можат да ја платат потрошувачката кошничка, истакна Ристески.

Тој посочи дека со месеци пензионерите протестираат затоа што немаат леб да си купат.

– Она што  го кажува министерката „политики на добро владеење“ го направија проблемот. Ако неколку години се нивелираа пензиите  немаше ваква да се појави разликата помеѓу платите и пензиите. Зборуваат дека нема средства за линеарно покачување, а линеарното покачување нема да се одрази на планираниот буџет ако се распределат средствата рамномерно. Има највисока инфлација во историјата, има 46% пораст на трошоците за храна кои се најважни за пензионерите, изјави Ристески.

Покачувањето на власта не ги задоволува потребите на пензионерите и тоа е факт.  Со ова минимално покачување од 700 до 1000 денари добиваат 240.000 пензионери, што е две третини од пензионерите. Треба да се најде решение за проблемот на пензионерите за и оние со најниски пензии да добијат бенефит, изјави Ристески.

– Ако добро се распределат парите и нема да трпи буџетот и со линеарно покачување. Власта видовме дека е неспособна. Ние мора во иднина да работиме и на зголемување на буџетот за фондот. Тоа може да се направи и со кратење на непродуктивни трошоци, но и со сузбување на сива економија. Имаме 34% сива економија повеќе од Косово и Албанија, истакна Ристески.

Ристески посочи само еден банален пример како власта работи недомаќински и криминално, 82.000 евра премиерот троши за спонзорирање на Фејсбук, ако се поделат со денешното покачување од 12 евра, ќе добиете 6800 пензионери повеќе пари.

– Не мислам дека некој би бил оштетен ако се направеше линеарно сите да добијат покачување. Доколку се изнајде добро законско решение за пензионерите, ние стоиме да дадеме поддршка, но да ја викнат и опозицијата и пензионерите и да се најде решение кое ќе биде добро за нив. Има начини да се направи. Сега пензијата минимална е  34% од просечната плата, ако е 45% од просечната плата, тогаш минималната пензија ќе биде 16.437 денари.