Еден од сведоците штета што не собра храброст да го каже тоа на говорница, но во неформален разговор потенцираше дека тогашниот премиер и тогашниот министер за здравство се на платен список на една веледрогерија која се споменува дека во голем дел ги извршува набавките на оваа клиника, па еве јас сакав ако не дојде денеска да го прашам и од тука дали навистина господинот Венко Филипче и тогашниот премиер биле на платен список на таа веледрогерија, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески во неговото гостување во утринска емисија на ТВ Алфа, говорејќи за скандалот во Онкологија и работата на Анкетната комисија во Собранието формирана за работењето на оваа клиника.
Ристески додаде дека за овој грозоморен случај институциите требало жестоко да реагираат со цел да им се оневозможи на инволвираните да ги прикриваат трагите, но тоа за жал не се случува.
„Ваквото криминално противзаконско работење се практикува и на другите клиники, односно тука е една оска која се движи помеѓу најмоќните луѓе во државата, владата, премиерот, министерот за здравство, агенциите како Малмед, тие кои дозволуваат ова да се случува со увоз на лекови, лиценци, дозволи, ФЗО и на крај се како најмал играч тука директорите на клиниките и клиниките кои сето тоа го спроведуваат на дело. На ова министерот Спасовски, обвинителот Јовески треба да реагираат жестоко, што не гледам дека во моментов го прават и затоа се повикани уште еднаш, потенцираше Ристески и додаде:
„Досега требаше да има тука притвори за луѓе кои што се вклучени во ова најгрозоморно случување во здравството во Република Македонија, па и оставки како морален чин пред сѐ, но гледаме дека, еве на пример директорот Нино Васев кој е директно вклучен во сето ова што се случувало на клиниката и кој го спровел тоа што се направило, во моментов е некој раководител на клиниката и член на оној конзилиум кој сега веќе профункционирал и сепак учествува и понатаму во доделување на терапија, има контакт со пациенти, со вработени, што секако ако направил нешто му овозможува да ги прикрие трагите“.