„Прекрстувањето на државата и бришењето на македонизмот не се завршени работи доколку се мобилизираме против тоа. Само масовно учество на претседателските избори ќе го означи стартот на борбата за опстанок на македонскиот народ. Нема други алатки што ни стојат на располагање. Македонците не се подготвени за револуции, а нема ни лидер што ќе ги поведе. Бесрамната „шарена револуција“ ја реализираа петтоколонаши на Сорос и УСАИД, кои беа платени за тоа. Затоа, мораме да ги користиме сите демократски средства за да успееме. Сите заложби за бојкот на изборите мора да престанат, бидејќи го затвораат случајот. Со излегување на изборите ние не ја признаваме измислената новоименувана држава, која е веќе тука, со променет Устав, преку срамни манипулации, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски, за „Нова Македонија“.
Според него, позицијата во која сме доведени е застрашувачка и изгледа нерешливо, ама, за среќа, не е така. Решение и излез секогаш има, само треба посветено да се бараат.
-Главата горе, Македонци, борбата дури сега почнува. Ако сме достојни на името што долго го носевме, ако навистина сме горди на самите себе и на нашите дедовци, не смееме да капитулираме, иако власта потпиша таков мизерен договор. Првиот чекор е победа на претседателските избори. Потоа ќе треба да се форсираат парламентарни избори, за да се земе и извршната власт и чекор по чекор да се врати сѐ што може од загубеното. Ако бојкотираме, остануваме таму каде што сме. Прекрстени и понижени. Големи битки загубивме поради нашите предавници ама војната мора да ја добиеме. На потег сме, потенцира Никовски.