И покрај последниот извештај на Европската Комисија за стагнирање и назадување на Република Македонија во Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права, последниот избор на судии во Апелациониот суд во Скопје докажа дека Судскиот совет избра судии комплетно непочитувајќи го принципот на владеење на правото и надвор од сите меѓународни стандарди.
Две и пол години траеше постапката за оценување на судии во Апелациониот суд Скопје под изговор дека судиите се оценуваат по најновата методологија и со почитување на критериумите на квалитет, со цел да се изберат највисоко рангираните кандидати.
Но, изборот на судии во Апелациониот суд во Скопје на 15.11.2023 година се спроведе без почитување на ранг листата и со прескокнување на повисоко рангираните кандидати без никакво образложение.
Oдлуката за избор на 8 -те судии не е конечна, бидејќи до конечната одлука ниту еден од избраните судии не може да стапи на новата позиција, ниту да положи заклетва.
Согласно чл.49 од Законот за судскиот совет на РСМ “Кандидатот кој не е избран за судија има право на жалба во рок од осум дена од приемот на известувањето до Советот за жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на начин и постапка уредени со овој закон.“
На конечната ранг листа бев трето ранграна, по судиите Лазар Нанев и Габриела Гајдова, но прво рангирана од Основниот кривичен суд, како суд со најголем обем на сложени предмети. Првите тројца кандидати имаме значителна предност од над 10 бода во однос на другите кандидати подоле на листата.
Жалба ќе поднесам по следните основи:
1. Дискриминација по основ на етничка припадност.
Појаснувам дека јас бев избрана со мнозинство на гласови од членовите на Судскиот совет, но потоа повторно се гласаше по Бадентеровиот принцип. Од вкупно пет члена, три члена гласаа против за потоа да се донесе одлука дека не сум избрана. Во постапката по жалба ќе барам да се каже транспарентно, точно кои членови на Судскиот совет, од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот, гласале против и кое е нивното образложение.
2. Постапка по приговори и повреда на начелото на еднаквост при постапувањето
Постапката ќе ја оспорам во целост при што ќе биде опфатена и седницата на која се одлучуваше по приговорите за прелиминарната ранг листа на кандидатите.
Во текот на постапката по приговорите на дел од судиите без основ, надвор од деловникот, правилникот и усвоените ставови им беа уважени приговорите и „скокнаа“ за десет места нагоре на листата.
Од друга страна, на дел од судиите кои приговаравме дека воопшто не сме добиле бодови за наши ангажмани за менторство, предавања и изработка на образовни материјали за Академијата за судии и јавни обвинители, приговорите не ни беа уважени со образложение дека не ја признаваат издадената потврда од Академијата за судии и јавни обвинители, иако е официјално издаден документ.
Од страна на Директорката на Академијата до денес нема реакција зошто овие потврди не се прифатени.
Судскиот совет имаше различни критериуми за рок за поднесување на документи по приговор, на „привилегираните кандидати“ им беше признаено доставување на документи и по утврдениот рок.
3. Сертификати за познавање на странски јазик
Барам да се изврши детална проверка на познавањето на странски јазик на сите кандидати кои поднеле сертификат, со цел да се потврди веродостојноста на сертификатите.
4. Пристрасност на членовите на Судскиот совет
Членовите на Судскиот совет ја манифестираа својата пристрасност уште на почетокот на седницата за избор која беше јавна, транспарентна и се пренесуваше во живо. Седницата ја започнаа без двоумење со критика новата методологија, која самите ја спроведуваа две и пол години, со што дадоа увертира дека немаат намера да ја почитуваат.
Во текот на седниците јасно можеше да се забележи, пристрасноста на одделни членови на Судскиот совет, за точно определени кандидати, односно за „договорените„ кандидати се зборуваше најдобро, беа фалени, иако и други кандидати го имаат истото портфолио, од друга страна други кандидати несоновано беа напаѓани, а за некои воопшто немаше произнесување за нивната судиска работа.
5. Директна примена на Европската конвенција за човекови права во постапката за избор на судии
На Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија на 23 февруари 2023 година е донесен начелен став кој се однесува на директна примена на Уставот и на Европската конвенција за заштита на човековите права во врска со изјавените жалби против одлуки на Судскиот совет на РСМ.
Судскиот совет треба да го почитува начелниот став и директно да го примени на начин што ќе образложи зошто не се гласа за определен кандидат или се воздржува од гласање иако сегашното законско решение предвидува да се образложи само позитивната одлука.
ЗАКЛУЧОК
Оттука, мој заклучок е дека Судскиот совет се потруди новата методологија да ја прилагоди кон старите навики, а со цел да не бидат избрани најдобрите кандидати со тоа што старите навики и аномалии при изборот се денеска наградени со не добивање гласови по Бадентер, како систем на елиминација на најдобрите.
Оваа пракса со не-избор на судија по принцип на Бадентер не смее да премине во пракса на Судскиот совет и да биде изговор за непочитување на ранг листата.
После една година турбуленции во Судскиот совет и следење на нивната активност, овој избор беше тест дали конечно Советот ќе одолее, како што тие самите изјавија, „на влијанија на бизнис-политичките елити“ и ќе започне да бира судии по квалитет со што ќе покаже професионалност и интегритет.
Но, напротив и самата незаконски разрешена Претседателка Дамева и нејзините неколку поддржувачи – членови на советот, настапија здружено во неправедниот и незаконски избор на прворангираните судии и дополнително ја намалија довербата во судството.
М-р Оља Ристова
Судија во Основен кривичен суд Скопје