Министерот за спорт, Борко Ристовски во вечерашното гостување на Канал 5 телевизија изрази задоволство од постигнатите резултати на македонската репрезентација на ЕХФ Еуро 2026.

– Ако се земе предвид колкава држава сме и кои ни беа ривали во групата, треба да сме задоволни со 14. место. Секогаш може подобро, но и овој резултат е успех. Би сакал и во другите спортови да сме со такви постигнувања на Европските првенства. Можеби некои очекуваа повеќе. Убаво е да се негуваат големи очекувања, но треба да се биде реален. Ова генерација има потенцијал и нејзината сила е во колективната игра, рече Ристовски.

Тој ја пофали работата на селекторот Кирил Лазаров.

– Човекот направи многу тешка работа. Транзиција на генерациите. Треба да му се оддаде признание за се што направил и прави за македонскиот ракомет и со репрезентацијата, нагласи Ристовски.

Македонската репрезентација на ЕП 2026 играше во Б-групата и забележа пораз од Данска, реми со Португалија и победа против Романија. Со три бода ја заврши групната фаза за вкупно 14. позиција и обезбеди место помеѓу носителите за баражот за Светското првенство 2027 година.