Русија не може да ги прифати американските предлози во нивниот сегашен формат за прекин на војната во Украина, бидејќи тие предлози не ги решаваат проблемите за кои Москва верува дека ги предизвикале.

Ова денеска го изјави заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков, сугерирајќи дека преговорите меѓу САД и Русија се во застој, што укажува дека Москва и Вашингтон не можат да ги премостат разликите.

Рускиот претседател Владимир Путин пред повеќе од две недели изјави дека е неопходно да се преработат предлозите на САД.

Како што станува веројатно дека преговорите може да се одолговлечат, се чини дека американскиот претседател Доналд Трамп станува сè понетрпелив, пишува Ројтерс.

Трамп претходно изјави дека е лут Путин и зборуваше за воведување санкции за земјите што купуваат руска нафта доколку Москва го блокира договорот.

„Ние многу сериозно ги сфаќаме моделите и решенијата предложени од Американците, но не можеме да ги прифатиме сите во нивната сегашна форма“, изјави Рјабков.

Путин рече дека сака Украина да се откаже од својата амбиција да се приклучи кон НАТО, а потоа бара Русија да ја задржи контролата врз четирите анектирани украински региони на исток и сака големината на украинската армија да биде ограничена.

Киев наведува дека прифаќањето на таквите барања би значело капитулација на Украина.