По две одложувања поради отсуство на обвинител, шефицата на обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска дојде во судот за лично да го застапува обвинението против екс-генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски , и тоа конечно почна… Во воведните зборови, Русковска рече дека ќе го убеди судот дека Рашковски ја злоупотребил функцијата за лично богатење и нерационално ги трошел парите на граѓаните. Според неа, софтверот не работи, камерите не се користат, а кабините се запоставени во стара фабрика.
„Обвинителството има многу цврсти докази, дека обвинетите работеле исклучиво во свој интерес. Скоро три години од набавка на софтверите и на системот, тие се уште не се во функција. Од нашите пари, од парите на граѓаните. Само за набавка на софтверот, системот, камерите и кабините, како и хонорарните исплаќања буџетот е оштетен за 18 милиони денари.
Рашковски пред судијката Фанка Јанчулова Михаиловска негираше дека е виновен, а рече дека и не му е јасно зошто другите шест лица се гонат дека му помагале. Тој побара од судот на следното рочиште да се обезбеди табла и проектор за да докаже дека нема никаков криминал во набавката на софтверот..
„Семантички обвинението го разбирам, но како правен акт не го разбирам. Вина апсолутно не чувствувам. Ајде да направиме реконструкција да видиме дали софтверот не функционира. Многу е тешко да најдете црна мачка во темна просторија. Уште потешко е да ја најдете ако ја нема. Во текот на ова судење ќе докажеме дека црна мачка не постои.
Покрај Рашковски, како невини се изјаснија и останати шест обвинети лица во случајот. на следното рочиште ќе се приложуваат докази, а закажани се неколку за наредниот месец.