Во основните училишта во Кочани почна пополнувањето анкетен прашалник за родителите на учениците, преку кој тие се изјаснуваат дали се за физичко или за онлајн следење на наставниот процес.

Пополнувањето на прашалникот е во рамки на препораките од Министерството за образование и наука, кое донесе посебен протокол за изведување на наставата во воспитно-образовните институции, кој училиштата треба да го следат.

 

-По добивањето на укажувањето од ресорното министерство за спроведување анкета со родителите за тоа дали се за онлајн-настава или за настава со физичко присуство на учениците, ние веднаш почнавме со анкетирањето. Родителите доаѓаат во училиштето, а наставниците им објаснуваат каква е ситуацијата, нудејќи ги двете опции. Забележително е дека најголем дел од родителите се изјаснуваат за физичко присуство на своите деца, односно наставата да ја следат во училишните простории, истакна Благој Давитков, директор на ОУ„Раде Кратовче“ во Кочани.

Од петте основни училишта во Кочани информираа дека се подготвени за почетокот на учебната година, односно во тек се техничко-хигиенските активности, а набавени се доволни количини средства за хигиена и дезинфекција.