Иран нема намера да разговара со САД сè додека не бидат укинати сите санкции наметнати за Техеран, изјави денеска иранскиот претседател Хасан Рохани.

– Техеран никогаш не сакал нуклеарно оружје, рече Рохани во телевизиското обраќање, додавајќи дека неговата земја е секогаш подготвена за разговори.

Меѓутоа, тој истакна дека прво САД треба да ги укинат „сите нелегални, неправедни и нефер санкции воведени на Иран“.

Иранскиот претседател ова го изјави откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е реално средбата со Рохани да се случи наредните недели.

– Имам добро чувство. Тие можат да бидат добри играчи. Тие не можат да го сторат она што велат дека ќе го сторат, затоа што ако го сторат, ќе бидат соочени со многу насилна сила. Затоа, мислам дека ќе бидат добри, изјави Трамп на самитот на лидерите на Г7 во Бијариц.

Францускиот претседател Емануел Макрон претходно изрази надеж дека ќе има средба меѓу американскиот и иранскиот претседател во наредните недели.

Макрон рече дека лидерите на Г7 се согласиле дека Иран мора да ги исполни своите обврски во врска со нуклеарната програма и додаде дека постои надеж за дипломатски пробив во тензиите кои се засилија откако САД го напуштија договорот со Иран од 2015 година.