Руската група која стои зад хакерскиот напад врз компанијата за преработка на месо ЈБС работи под името РЕвил, изјави неименуван извор за Ројтерс.
Белата куќа во вторникот соопшти дека ЈБС ја известила американската Влада дека за хакерскиот напад врз компанијата, што го наруши производството на месо во Северна Америка и Австралија, е одговорна криминална организација чие седиште најверојатно е во Русија.
Пет најголеми погони за преработка на месо во САД мораше да бидат затворени поради нападот, објавија американските медиуми повикувајќи се на синдикати и вработени кои се вратија на работа во средата.
Холдингот J&F Investimentos, на кој му припаѓа ЈБС, вработува повеќе од 250.000 луѓе и е присутен во 190 земји. Тоа е трет голем напад поврзан со Русија оваа година.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки изјави дека за хакерскиот напад врз ЈБС треба да се дискутира на самитот на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин кон средината на јуни.
„Претседателот Бајден смета дека претседателот Путин и руската влада имаат улога во запирањето и спречувањето на овие напади“, рече Псаки.
Во мај беше извршен хакерски напад врз „Колонијалниот гасовод“, најголемиот нафтовод во САД. ФБИ го припиша нападот на криминалната хакерска мрежа Дарк сајд, за која се верува дека работи од Русија или некој друг дел од Источна Европа.