Сите политички партии треба постојано да придонесуваат за јакнење на улогата на Собранието како форум за конструктивен и инклузивен политички дијалог во насока на забрзување на реформите за членство во Европската Унија, повика амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас денеска во Парламентот, на заедничка седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања, на чиј дневен ред беше Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2024 година.

Рокас во обраќањето кажа дека треба да се искористи, како што рече, моментумот на наклонетост во Европската комисија кон нашата земја за почеток на преговори за членство во  Унијата.

-Би сакал да ве поттикнам да го искористите тековниот момент на наклонетост кон проширувањето. Има вистински моментум, има вистинска посветеност. Од наша страна сме посветени и подготвени да ви помогнеме да го изодите патот кон Европската Унија. Како што сите сведочевте во последните неколку извештаи од Брисел, има голем интерес и благонаклонетост кон РС Македонија да се отвори првото поглавје во преговорите. Новиот претседател на Советот, новиот комесар за проширување и новиот потпретседател на Комисијата Калас, сите ја изразија поддршката за вашиот пат кон ЕУ, рече евроамбасадорот.

Им порача на пратениците да ја искористат „на најдобар можен начин оваа можност, пред се и над се заради придобивките за граѓаните кои сакаат да бидат дел од Европската Унија“.

Според него, „духот на постојана и добра соработка меѓу Собранието и новоизбраниот Европски парламент повторно се потврдува со 23. состанок на Мешовит парламентарен комитет кој ќе се одржи во Скопје“ и, како што рече, тоа го потврдува и комуникацијата со новиот известител од ЕП, Томас Вајц. Посочи и дека за продолжување на реформи кои веќе се почнати на располагање им е и дијалогот Жан Моне.

Евроамбасадорот укажа дека изборите и именувањата „на одредени позиции во државни институции и агенции треба да бидат навремени и да се темелат на заслуга“ и европско знаменце при донесување закони да се употребува само кога се работи за закони за усогласување со законодавството на Европската Унија.

-Новиот собраниски состав треба да ја забрза својата работа и да продолжи со реформите коишто се неопходни за процесот на евроинтеграција на државата вклучително и уставните измени. Собранието треба да усвои агенда со која ќе се намали употребата на скратена или итна постапка на закони и да внимава на соодветна употреба на европското знаменце, процедура која беше забележителна во минатото. Употребата на европското знаменце во процедурите треба да биде поврзана само со законите коишто имаат цел усогласување со законодавството на Европската Унија и да се темели на сеопфатни консултации, вклучително и консултации со Европската комисија, рече Рокас.

Осврнувајќи се на извештајот на ЕК, тој посочи дека десеттиот парламентарен состав го извршил својот мандат главно задоволително, имало политичка поларизација и, како што рече, „имаше одредено задоцнување во однос на назначување одредени функции во институциите на државата“.

– Парламентарните и претседателските избори беа компетитивни и се одржаа во главно задоволителна атмосфера. Сепак, имаше ограничен напредок во однос на препораките од  ОБСЕ и Венецијанската комисија и Комисијата за човековите права и тие треба да се имплементираат што е можно поскоро на инклузивен и сеопфатен начин пред следните избори. Собранието не успеа да го постигне двотретинското мнозинство потребно да се направат измени во Уставот и да се вклучат граѓаните коишто живеат во границите на оваа држава, меѓу другите и Бугарите. Немаше ни консензус во однос на процесот за усвојување на закони, меѓу кои и законите за реформи во јавната администрација и правобранителот, рече Рокас.

Додаде и дека Македонија се усогласила целосно со надворешната заедничка безбедносна политика и се приклучила кон санкциите а ЕУ против Руската Федерација со што, како што рече, „ уште еднаш покажа дека е доверлив партнер на Унијата“.

Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков во своето излагање на седницата посветена на Извештајот на ЕК за напредокот на државава, истакна дека од Европската комисија „добивме објективна слика за подготвеноста на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година“.

– Очекувам следниот Извештај да биде подобар. Посветено работиме како нова Влада на реформската агенда и очекуваме како Министерство за европски прашања сите релевантни институции кои се вклучени во неа одговорно да ги сработат своите задачи. Имаме добар план и  ќе работиме, истакна Трајков.

Претседавачот на собранискиот Национален совет за евроинтеграции Венко Филипче на седницата  рече дека забрзувањето на реформите во клучните области е неопходно за напредокот на  државата и дека „сите треба да дадат придонес за отворање на првиот кластер“. Филипче најави дека во следниот период ќе има почести седници на ова собраниско тело.

-Ќе бидеме, на некој начин, и контрола и поддршка на Владата во остварувањето на работите што се пред нас, пред сè во делот на реформската агенда. Добро е да се одржува консензусот за членство во Европската Унија. Сметам дека претставници на сите денес присутни политички и економски субјекти ќе дадат свој придонес во работата, поддршка на Владата во остварување на овој процес со цел навистина да се забрза процесот и дека во овој состав на Собранието и во овој мандат ќе се отвори првиот кластер, рече Филипче.

Според него, со заедничка работа на ова ниво „дополнително и јавноста и граѓаните ќе се информираат за тоа како ќе се остваруваат чекорите во реформската агенда“.

-Секој од нас има одговорност да придонесе кон овие напори. Овие предизвици бараат зајакнување на институциите и системите, за да станеме што покомпатибилни со законодавството и практиките на Европската Унија, истакна Филипче.

Фото: МИА