Кристијано Роналдо сака да се врати во Реал Мадрид, откри еден од неговите блиски пријатели, Еду Агире (на фотографијата со бркови).

Синоќа двајцата беа заедно на трибините на „Сантијаго Бернабеу“ за дербито на Барселона, а Португалецот дури влегол во соблекувалната со своите поранешни соиграчи за да ги инспирира.

Роналдо доби аплаузи од навивачите и со нив ја сподели радоста од триумфот со 2-0.

– Сигурно знам дека Кристијано сака да се врати во Реал Мадрид, изјави Агире за „ТВ Чирингито“.

„Тој ја чувствуваше љубовта на сите и беше возбуден. Во моментов, Роналдо е целосно фокусиран на Јувентус, но никогаш не велете „никогаш“ во фудбалот. Не знам што ќе се случи по некое време, никој не може да каже“, додаде тој.

Роналдо, кој има 35 години, замина од „Бернабеу“ во летото 2018 година. Неговиот договор со Јуве е за уште две сезони.