Тренерот на Борусија Менхенгладбах, Марко Росе, спроти утрешниот реванш осминафинален натпревар против Манчестер сити во Лигата на шампиони, изјави дека не верува во чуда и оти за пласман на неговиот тим во четвртфиналето ќе му биде потребна сензација.
-Не верувам во чуда. Тоа би морало да биде нешто исклучително, налик на сензација, изјави Росе на денешната конференција за новинари.
Манчестер сити има предност од 2:0 пред утрешниот реванш, што како и првиот натпревар, ќе се игра во Будимпешта поради патните рестрикции поврзани со коронавирусот.
Спроти решавачкиот натпревар со Сити, бундеслигашот од Менхенгладбах е во серија од шест последователни порази.
-Во моментов, се што кажувам звучи погрешно, бидејќи не постигнуваме добри резултати. Ако кажам дека одиме во Будимпешта да играме против Сити полни со самодоверба, сите би рекле, „Што зборуваш, по ѓаволите? Што не е во ред со вас, господине Росе?“, додаде тренерот на Борусија Менхенгладбах.