Одличната билатерална соработка што ја имаат Германија и Македонија во развојот на државата и посебно во делот на економијата е потврдена на денешната средба на премиерот Зоран Заев и германскиот државен министер за Европа Михаел Рот.

На средбата, што се одржа попладнево во Владата, е поздравена конструктивната улога на Република Македонија во регионалната политика и е изразена надеж дека преку зрели политики на меѓусебно почитување, напредок е можен.

-Република Германија го поддржува напредокот на Република … Македонија во евроинтеграциите. При тоа е пренесено дека Германија целосно го поддржува предлогот на португалското претседателство, се вели во соопштението од Владата.

Премиерот Заев, како што се наведува, му се заблагодари на министерот Рот за сите напори коишто ги вложи германското претседателство со ЕУ во својот мандат, но и за сегашните напори, чијашто цел е одржување на првата меѓувладина конференција во рамки на португалското претседателство.

-…Македонија е редок европски пример како низ соживот и јакнење на демократските капацитети, а притоа решавајќи ги и отворените прашања со соседите, прави темелни реформи за доброто на граѓаните и на нашата држава, но и во поширок контекст за граѓаните на Западен Балкан. Ќе продолжиме со конструктивните политики, со почитување и унапредување на односите со нашите соседи, рече премиерот Заев.