Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ оствари средба со Михаел Рот, пратеник и претседател на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг на маргините на Форумот на граѓанско општество – Тирана 2023.
Маричиќ и Рот, како што информира Секретаријат за европски прашања, разговараа за европската перспектива на регионот, за новиот план за забрзување на пристапните преговори со ЕУ и важноста од унапредување на регионалната соработка, особено во период кој следува.
– Пораката од средбата е дека планот на ЕУ значи брзи реформи кои ќе значат брзо членство и дека со тоа ЕУ нуди можност некои придобивки од членството да ги имаме и пред тоа, со одредени обврски, што е ретка шанса која треба да се искористи, се вели во соопштението.
Според вицептемиерот Маричиќ, само заедно, со поголем ангажман и соработка, Западен Балкан и ЕУ, можеме да изградиме Европа која е безбедна, која напредува и се развива.
На средбата Маричиќ посочи дека Владата прави напори да ја задржи динамиката на процесот и Македонија да ги продолжи преговорите со државите од соседството, за што, како што рече, од исклучителна важност е поддршката која ја имаме од Сојузна Република Германија.
Во таа насока претседателот на Комисијата за надворешни работи во германскиот Бундестаг и поранешен министер за Европа во германското МНР, Рот посочи дека е важно за стабилноста на целиот регион Македонија да ги заврши обврските и да остане активна во процесот на преговори, укажувајќи дека поставувањето на датум е јасен сигнал дека ЕУ има цел 2030 да биде година за ново проширување.
Во пресрет на Самитот на лидери на Берлинскиот процес Маричиќ и Рот разговараа и за потребата од поголем фокус на регионалната соработка која треба да го забрза регионалниот развој и процесот на интеграција во единствениот пазар.
Берлинскиот процес влегува во нова фаза и се очекува да напредува и многу повеќе да придонесе за забрзување на ЕУ интеграцијата на регионот, беше заклучено на средбата.
Во Тирана денеска почнува Самитот на Берлинскиот процес, на кој албанскиот премиер Еди Рама ќе биде домаќин на лидерите на Балканот и на ЕУ, на кој ќе учествува и вицепремиерот Маричиќ, како дел од македонската владина делегација предводена од премиерот Ковачевски.