Јелисавета Пескова, ќерката на Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, работи како стажантка во Европскиот Парламент, дознава Радио Слободна Европа во Брисел.
Според Слободна Европа, Пескова има „непречен пристап“ до Европскиот Парламент, пишува медиумот. Таа работи како асистентка за европратеникот Ејмерик Шопрад, поранешен член на екстремната десница, Национален Фронт, и член на комисијата за надворешни работи на ЕП, кој отворено ја поддржа анексијата на Крим од страна на Русија во 2014 година.
Контактиран од Слободна Европа, пратеникот оценил дека студентката Пескова „нема помалку права од другите млади луѓе да прави стаж во рамки на нејзините студии“, изјавил Шопрад преку електронска пошта, и смета дека нема никаков конфликт на интереси во нејзиниот случај бидејќи таа не е во работен однос во Русија, ниту приватно, ниту државно.
Неколку европратеници за Слободна Европа оцениле дека ангажманот на младата Пескова претставува прекршување на безбедносните правила на Европскиот Парламент и дека е „голем срам“ за институцијата.
– Како стажантка, Пескова има непречен пристап до зградата на Европскиот Парламент во Брисел и во Стразбур и може да присуствува на сите комисии и други средби во институцијата, пишува медиумот.
Нејасно е колку заработува ќерката на Дмитриј Песков, и дали воопшто е платена за својата работа. Слободна Европа потсетува дека европратениците располагаат со 25 илјади евра месечно за плати на соработниците и стажантите. Стажантите заработуваат во просек околу 1.600 евра месечно. Одлуката за платата на стажантите е дискреционо право на европратеникот.