Студениот бран што ја зафати Франција со врнежи на снег и со температури под нулата, води кон зголемување на потрошувачката на струја, што го наведе операторот со електричната мрежа (РТЕ), да повика на штедење, со оглед дека добар дел од нуклеарните реактори се на ремонт, јави дописникот на МИА.
„Вклучете ја машината за перење викендов“, е еден од советите на РТЕ, кој очекува тензична ситуација в понеделник наутро поради студот и затоа ги повикува компаниите и поединците да ја ограничат потрошувачката во овој момент.
Францускиот електроенергетски систем оваа зима се соочува со потешкотии бидејќи 27 нуклеарни реактори од вкупно 56 не се оперативни. Електраната на јаглен Сен Аволд (Мозел) исто така беше затворена минатата недела.