Американскиот државен секретар Марко Рубио го нарече „неприфатлив“ повикот на еден ирански весник за изрекување смртна казна на шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.
-Повиците во Иран за апсење и егзекуција на генералниот директор на МААЕ, Гроси, се неприфатливи и треба да бидат осудени. Ги поддржуваме критичните напори на МААЕ за верификација и следење на состојбата во Иран, објави доцна синоќа Рубио на платформата X.
Тој ги пофали Гроси и МААЕ за нивната посветеност и професионализам и го повика Иран да се грижи за безбедноста на персоналот на МААЕ.
Дневниот весник „Кајхан“ од Техеран го обвини Гроси за шпионажа за Израел. Весникот во Иран се смета за владин пропаганден медиум, а главниот уредник Хосеин Шаријатмадари е опишан како радикален исламист.
Иранските власти го сметаат неодамнешниот извештај на МААЕ за една од причините за воздушните напади на Израел и САД, насочени кон нуклеарната програма и војската на Техеран во 12-дневната војна претходно овој месец.
МААЕ, чие седиште е во Виена, неодамна во формална резолуција забележа дека Техеран ги прекршил обврските да ја отвори целата своја нуклеарна програма за инспекција на МААЕ. Резолуцијата дојде по одбивањето на Техеран да ги објасни минатите нуклеарни активности спроведени во тајност.
Според МААЕ, Иран има повеќе од 400 килограми ураниум збогатен до 60 отсто, што е неколку чекори помалку од 90 отсто потребни за нуклеарно оружје и многу повеќе од она што е потребно за цивилни цели.
Техеран инсистира на тврдењето дека нема за цел да изгради нуклеарно оружје.
Како реакција на воздушните напади на САД и Израел, иранскиот Парламент побара да се суспендира сета соработка со МААЕ додека не се гарантира безбедноста на нуклеарната програма на Иран.