Американскиот државен секретар, Марк Рубио, денеска изјави дека САД ги откажуваат и одбиваат визите за луѓето што го слават убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк.

Во објава на платформата X Рубио истакна дека САД нема да бидат домаќини на странци кои ја слават смртта на нивните граѓани, додавајќи дека откажувањето на визите е во тек.

„Ако сте тука (во САД) со виза и навивате за јавно убиство на политичка фигура, подгответе се да бидете депортирани. Не сте добредојдени во оваа земја“, напиша Рубио на X.

Слично предупредување претходно објави и заменик-државниот секретар Кристофер Ландау, кој напиша на социјалните мрежи дека странците кои го величаат насилството и омразата не се добредојдени во САД.

Смртта на Чарли Кирк предизвика синџир од откази и координирана кампања на напади на социјалните медиуми

„Згрозен сум што гледам како некои на социјалните медиуми го величат, рационализираат или го омаловажуваат настанот (убиството на Кирк) и им наложив на нашите конзуларни службеници да преземат соодветни мерки“, напиша Ландау.

Бриселскиот портал „Еуроњуз“ пишува дека засега не е јасно колку визи се повлечени или одбиени, ниту врз основа на што Стејт департментот презема такви мерки. Не е познато дали новата политика на Вашингтон влијаела на некои европски граѓани.

Кирк беше застрелан и убиен на 10 септември додека зборуваше пред студенти на Универзитетот во Јута, а осомничениот во меѓувреме е уапсен.

По убиството, американските конзервативци ги критикуваа луѓето што го омаловажуваа Кирк или се потсмеваа на неговата смрт.

Според извештаите, повеќе луѓе во секторите како авијација, образование и медиуми ги загубија своите работни места или беа суспендирани поради објави за Кирк на социјалните мрежи.

Заканите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп по убиството на Кирк за преземање мерки против она што го нарекува „радикална левица“ предизвикаа стравувања дека американската десница се обидува да го искористи гневот поради убиството за да ја потисне политичката опозиција.

Главната обвинителка на САД, Пам Бонди, за убиството на Кирк ги обвини „левичарските радикали“ и изјави дека „тие ќе бидат повикани на одговорност“.