По Ангела Меркел, во посета на Русија замина и бугарскиот претседател Румен Радев. Тој утре ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а за денеска била предвидена средба со премирот Дмитриј Медведев.
За разлика од Меркел која замина за Сочи на директна средба со Путин, Радев во Москва патува на денови на одбележување на бугарската култура. Во Бољшој театарот утре ќе присуствува на операта Зигфрид од Рихард Вагнер во изведба на Софиската опера и балет.
Пред заминувањето, Радев имал интервју за рускиот весник Комерсант. Во интервјуто Радев потсетил дека Бугарија е една од ретките европски земји која не протера руски дипломати по повод случајот Скрипал. Тој додал и дека санкциите нема да траат вечно, оттука е потребно да се одржат добрите врски, нагалсувајќи дека од санкциите никој нема полза.
Тоа што изненадува во интервјуто е неговата заложба Бугарија да се снабдува со гас директно од Русија преку Црното Море, што фактички значи изградба на гасовод, по пропаста на проектот Јужен поток, токму поради блокадата од Бугарија. Да го наречеме овој гасовод Бугарски поток, рекол Радев.