Хакерската групa “БлекМетер“ поврзана со расформираната „ДаркСајд“ и со руските власти, извршила напад на американската земјоделска компанија New Cooperative, јави денеска Вашингтон пост.
Според весникот, хакерите побарале откуп од 5.9 милиони долари за да ја деблокираат компјутерската мрежа на кооперацијата, еден од најкрупните агросојузи кои снабдуваат пченка и продукти од соја.
Во случај на неуплата на побараната сума, хакерите се заканиле да ја удвојат побараната сума до 11.8 милиони долари. Според претставници на компанијата, ангажирани специјалисти ја исклучиле компјутерската мрежа на кооперацијата за да се изолира упадот на хакерите. New Cooperative сега рабти со силите за безбедност и властите на САД, за што компанијата ги информирала и хакерите.
Федералното биро за истраги (ФБИ) на почетокот на месецов ги предупреди американските земјоделци дека се цел на кибер криминалци.
Летоска во јуни, друга руска криминална кибер ќелија „Реивл“, изврши напад на JBS, најголемиот производител на месо во светот. Компанијата која работи во САД, Бразил, Канада и Австралија не крајот на краиштата плати откуп во висина од 11 милиони долари.
Хакерската група, „Дарксајд“, се распадна по нападот на постројките на американскиот нафтоводот „Колонијал“ во мај годинава, откако добила исплата на откуп од 90 милиони долари.