Над 76.000 луѓе се евакуирани во руската област Курск, која граничи со Украина, поради упадот на украинските сили на руска територија, изјави денеска руски претставник.
„Повеќе од 76.000 луѓе се привремено евакуирани на безбедно“, изјави на прес-конференција Артјом Шаров, претставник на руското Министерство за вонредни ситуации, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
Украинските сили ја пробија границата во вторникот, изненадувајќи ја руската војска по неколкумесечниот постепен напредок на руските сили во источна Украина.
Украинските војници навлегоа до 20 километри во областа Курск, што е најголемиот украински напад на руска територија од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Повеќе од илјада украински војници ја нападнаа Русија со поддршка на десет тенкови и дваесет други оклопни возила, соопшти главниот штаб на руската армија.
Руските новински агенции објавија дека Националниот антитерористички комитет вовел антитерористички мерки во областа Курск и во блиските региони Брјанск и Белгород.
Новинската агенција РИА објави дека мерките вклучуваат евентуално раселување на жителите, ограничувања во сообраќајот, зголемена безбедност околу чувствителните места и прислушување на комуникациите.
Новинската агенција Интерфакс ја објави најавата на министерството дека Русија испраќа засилување со повеќецевни ракетни системи „Град“, артилерија и тенкови.