Генералното обвинителство на Руската Федерација денес објави дека активностите на Американскиот универзитет Јеил се прогласени за непожелни на територијата на Русија, објаснувајќи дека активностите на оваа образовна институција претставуваат закана за уставниот поредок и безбедноста на државата.

Според соопштението, универзитетот е вмешан во „кршење на територијалниот интегритет на Русија, меѓународна блокада на земјата, поткопување на економските темели и дестабилизација на социо-економската и политичката ситуација“, објавува рускиот портал „Медуза“.

Според Обвинителството, Универзитетот Јеил управува со Училиште за меѓународни односи, кое наводно обучува „лидери на опозицијата на странски земји“.

„Меѓу руските учесници во оваа програма се лидери и активисти на екстремистичката организација „Фонд против корупција“, кои ги користеле стекнатите знаења и методи за да поттикнат протестни активности во Руската Федерација“, се вели во соопштението.

Исто така, се додава дека универзитетот е вклучен во развој на правни механизми за запленување на руски средства на Запад, со цел финансирање на вооружените сили на Украина.

Универзитетот Јеил е член на престижната „Ајви лига“, здружение на осум од најстарите и најпрестижните универзитети во Соединетите Држави, а заедно со Харвард и Принстон ја сочинува таканаречената „Голема тројка“ од најелитните американски образовни институции.

Според списанието „Форбс“ во 2020 година, Јеил бил најпопуларниот странски универзитет меѓу децата на најбогатите руски олигарси.