Русија „ги убива и ќе ги убива терористите“, без разлика дали тие се во Идлиб, последното упориште на бунтовниците во Сирија, или некаде на друго место во таа земја, изјави денеска во Москва портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова.
„Ги убивавме, ги убиваме и ќе ги убиваме терористите… Без оглед дали се тие во Алепо, Идлиб или на други места во Сирија“, кажа Захарова и додаде дека станува збор и за безбедноста на Русите.
Четири руски авиони ги бомбардираа во вторникот позициите на групата Хајат Тахрир ал Шам, поранешен огранок на Ал каеда во Идлиб, провинција на северозападот на Сирија.
Силите на сирискиот претседател Башар ал Асад планираат да ја вратат контролата врз Идлиб, чиј поголем дел е во рацете на таа група и други бунтовници.
Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права соопшти дека неколку стотици цивили избегале од Идлиб во страв од најавената офанзива.
Меѓународната заедница и ОН стравуваат дека во случај на офанзива ќе дојде до хуманитарна катастрофа во Идлиб каде што живеат речиси три милиони луѓе, од кои половина се раселени Сиријци кои веќе ги напуштила своите домови во други делови од земјата.