Русија ја гарантира испораката на природен гас за Европа, дури и во случај да не се постигне договор со Украина за транзит, изјави рускиот министер за енергетика Александар Новак.
– Каква и да биде ситуацијата ние гарантираме испорака на руски гас според потпишаните долгорочни договори од страна на „Газпром“. Во таа смисла европските потрошувачи ќе бидат обезбедени со неопходните количества, истакна Новак.
Според него, негативно влијание врз преговорите за транзит преку Украина има судскиот спор меѓу руската компанија „Газпром“ и украинската „Нафтогаз“.
Кон крајот на следната година истекува рокот на потпишаните договори во 2009 година меѓу „Газпром“ и „Нафтогаз“ за испорака на гас во Украина и за транзит на гас преку територијата на земјата до Европа. Прашањето за заштита на транзитот на руски гас по 2019 година се разгледува и во контекст на планираната изградба на гасоводот Северн тек 2 од Русија кон Германија, кој ги заобиколува транзитните земји.