Руските власти соопштија денеска дека крај сирискиот брег испраќаат два воени брода вооружени со крстосувачки ракети и ја обвинија Анкара за смртта на 33 турски војници во сирискиот регион Идлиб.
Руската црноморска флота денеска објави дека испраќа два воени брода со ракети Калибр во близина на сирискиот брег.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека припадници на турската војска, кои синоќа се најдоа под удар на сириските сили, воопшто не требало да се наоѓаат на таа локација. Москва тврди дека штом се утврдило дека на местото каде сириските сили извршиле напад се наоѓале припадници на турската војска, Русија веднаш го контактирала официјален Дамаск за што побрзо да се запре воената акција. Потоа, како што наведува руското Министерство, Русија организирала безбедна евакуација на турските војници на територијата на Турција.
Во напад на сириски сили во Идлиб вчера загинаа 33 турски војници и ранети се уште 32 со што бројот на турски војници кои настрадаа во тој регион во овој месец е 54.
Веднаш потоа, турската војска изведе копнени и воздушни напади на позициите на сириските сили. „Нашата војска, со поддршка од воздух и од копно, изведува напади на позициите на режимот (на сирискиот претседател Башар ал Асад). Ќе продолжиме со напади“, беше соопштено од кабинетот на претседателот на Турција.
Во меѓувреме, турската информативна агенција Анадолија објави снимка од нападите на турските сили на позициите на сириската војска во провинцијата Идлиб.