Рускиот генерален прокурор денес објави дека хуманитарната организација што се бори за човекови права, Амнести Интернешнл, е прогласена за непожелна организација во земјата.
Во соопштението се наведува дека канцеларијата на Амнести Интернешнл во Лондон всушност е центар за подготовка на глобални русофобни проекти и е обвинета дека застанува на страната на Украина во конфликтот со Русија, пренесува Ројтерс.
Прогласувањето на организација за непожелна значи дека Русија смета дека таа организација ја поткопува нејзината национална безбедност.
Прогласот, исто така, предвидува казна до пет години затвор за руските граѓани кои работат со или финансираат такви групи.
Меѓу организациите претходно забранети како непожелни во Русија се и медиумите финансирани од американската влада, Радио Слободна Европа и меѓународната еколошка организација „Гринпис“.