Кремљ денеска одби да го коментира написот на Волстрит журнал, дека Вашингтон одржал доверливи разговори со највисоки руски претставници за избегнување понатамошни ескалации на војната во Украина.
Волстрит журнал пишува дека американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан разговарал со соработници на рускиот претседател Владимир Путин, со надеж оти ќе го намали ризикот за војната во Украина да ескалира во нуклеарен конфликт.
– Немаме што да кажеме за таа објава, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој посочи оти уште еднаш повторува дека „има вистински написи, но, мнозинството се работи за такви што се чисто нагаѓање“ и ги упати новинарите да ја контактираат Белата куќа или медиумите што го објавиле тоа.
Според Песков, Русија останува „отворена“ за преговори, но, Киев одбива да преговара со Москва.
Дел од медиумите потсетуваат дека малку беа јавни контакти на високо ниво меѓу американски и руски претставници изминатите неколку месеци, бидејќи Вашингтон инсистираше сите преговори за завршување на војната во Украина, да се водат меѓу Москва и Киев.