Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Москва нема намера да ја преиспита својата одлука да го суспендира договорот за нуклеарно оружје Нов СТАРТ со Соединетите држави додека земјата не ја промени својата политика кон Украина, пренесе Интерфакс.
Претседателот Владимир Путин минатата недела објави дека Москва привремено го суспендира своето учество во договорот, обвинувајќи ги САД дека се обидуваат да и нанесат стратешки пораз на Русија во Украина. Тој вчера го потпиша законското решение за суспензијата.
„Додека САД не го сменат своето однесување, додека не видиме знаци на здрав разум во она што го прават во однос на Украина, нема изгледи за преиспитување на одлуката за суспендирање на Нов СТАРТ“, рече Рјабков.
Договорот беше потпишан во 2010 година од тогашните претседатели Дмитриј Медведев и Барак Обама со цел да се ограничи бројот на стратешки нуклеарни боеви глави што секоја страна може да ги распореди. Во исто време беа извршени низа меѓусебни инспекции, а земјите разменија важни информации.