Русија објави предуслов за крај на војната

/ 07.08.2023

Само капитулацијата на Киев ќе стави крај на руската офанзива во Украина, соопшти денеска Москва, по состанокот одржан во Саудиска Арабија викендов, кој не донесе никаков напредок за завршување на војната во Украина.

„Убедени сме дека навистина глобално, трајно и праведно решение е можно само доколку режимот во Киев престане со непријателствата и терористичките напади“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова. „Треба да се препознаат новите територијални реалности, да се обезбеди демилитаризација и денацификација на Украина“, додаде таа.

Захарова нагласи дека Москва бара потврда за „оригиналните основи на суверенитетот на Украина: нејзиниот неутрален, неврзан и ненуклеарен статус“. Тие барања, кои Москва веќе ги објави кога ја започна својата офанзива во февруари 2022 година, Киев ги отфрли.

Захарова го изјави ова откако викендов во Саудиска Џеда се одржаа разговори на околу четириесет делегации за Украина, во кои беа вклучени делегации од западните земји и брзорастечките економии блиски до Москва, вклучувајќи ги Кина и Индија, но не и Русија.

Долгите разговори меѓу делегациите не доведоа до напредок, а немаше ниту конечна изјава.

Иако Захарова денеска рече дека Москва „високо го цени посредувањето на нивните пријатели од земјите на југот, таа нагласи дека „мирното решение е невозможно“ врз основа на мировната формула предложена од украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Ниту една од неговите 10 точки не е насочена кон изнаоѓање преговарачко и дипломатско решение за кризата, а сите тие се бесмислен ултиматум кон Русија, чија цел е да се пролонгираат непријателствата“, изјави портпаролката на руската дипломатија.

Дводневниот состанок беше дел од дипломатските напори на Украина, заедно со нејзините главни западни сојузници кои ја поддржуваат, да допре до земјите од „глобалниот југ“ кои не сакаа да заземат страна во конфликтот, иако тоа ја погоди глобалната економија.

Близок со Москва и Вашингтон, Ријад се обидува да го зајакне своето влијание на меѓународната сцена.

Во средината на мај, Зеленски дојде во ненадејна посета на Џеда за време на самитот на Арапската лига, велејќи дека му се заблагодарил на престолонаследникот Мохамед бин Салман за „неговата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“.


Од истата категорија