Газпром експорт од четврток ја стопира испораката на гас за Бугарија, а бугарскиот министер за енергетика Александар Николов за денеска закажа прес-конференција во врска со оваа мерка, јави дописникот на МИА од Софија.

Бугарското Министерство за енергетика соопшти дека до овој момент во земјата не се воведуваат ограничувања за користење на гас.

Бугарските медиуми јавуваат дека Министерството за енергетика, бугарскиот енергетски холдинг „Булгаргаз“ и „Булгартрансгаз“ презеле мерки за алтернативни набавки на гас и за справување со ситуацијата.

До овој момент Бугарија ги исполнила целосно своите обврски и ги извршила сите плаќања, согласно постоечкиот договор за доставување на гас од Русија. Договорот за доставување руски гас за Бугарија истекува во декември оваа година, нагласуваат медиумите во Софија.

Бугарија е втората држава од ЕУ, за која Русија го запре доставувањето на гас, откако претходно оваа мерка беше воведена кон Полска.